Мишел до Си: Притиснете ја Русија за да заврши војната

Од:

Претседателот на Европски совет, Шарл Мишел на денешната средба во Пекинг го повика кинескиот претседател Си Џинпинг да го искористи своето влијание врз Русија за завршување на војната во Украина.

Мишел истакна дека три часа разговарал со Си, а „многу време“ поминале во дебата за ситуацијата во Украина. Тој додаде дека го повикал Си да го искористи влијанието на Кина како постојана земја-членка на Советот за безбедност на Обединети нации и да ја убеди Русија да ги прифати правилата на меѓународното право.

– Претседателот Си многу јасно кажа дека Кина не и испраќа никакво оружје на Русија, посочи Мишел.

Тој додаде дека за Си „не се прифатливи руските нуклеарни закани“.

– Искрено се надевам дека меѓународната заедница, вклучително и Кина, ќе ги искористи сите можни алатки и инструменти за да ги убеди Кремљ и Русија да ја прекинат војната и да го почитуваат територијалниот интегритет на Украина, истакна Мишел.

Како што претходно јави кинеската државна телевизија ЦЦТВ, Си на средбата со Мишел истакна дека Кина ќе продолжи да ја зајакнува стратешката комуникација и координација со ЕУ и оти се надева дека институциите на ЕУ и земјите-членки ќе воспостават објективна и правилна перцепција за Кина.

– Кина ќе остане отворена за европските компании и се надева дека ЕУ може да го елиминира мешањето за да обезбеди фер и транспарентно деловно опкружување за кинеските компании, посочи Си без да прецизира на какво мешање мисли.

Си наведе дека Кина и ЕУ треба да ја зајакнат координацијата за макроекономските политики, заеднички да создадат нови двигатели на раст и да ја гарантираат безбедноста, стабилноста и доверливоста на индустриските синџири на снабдување.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Мишел: Имаме договор за поддршка на Украина

Мишел: Ако ЕУ не постави цел, никогаш нема да сме подготвени за прием на нови членки

Мишел: До 2030 година ЕУ треба да биде подготвена за ново проширување

Мишел до Зеленски: Добре дојдовте дома, добре дојдовте во ЕУ

ВИДЕО: Шарл Мишел на пат за Украина

Мишел: Министерот за внатрешни работи на Украина беше „голем пријател на ЕУ“

А1он