Министрите за надворешни работи и за одбрана на 30-те членки на НАТО денеска ќе одржат две средби преку видео-конференциски врски во рамките на подготовките за самитот на Алијансата кон средината на месецот, а веќе работат на заедничката изјава која лидерите тогаш ќе треба да ја потпишат.
На состаноците ќе доминираат идеите за реформа кои кон крајот на минатата година прв ја најави шефот на Алијансата, Јенс Столтенберг, како и планот за повлекување на силите од Авганистан во наредните месеци, по речиси дводецениското воено присуство во оваа се уште немирна азиска земја.
Пред состанокот, генералниот секретар Столтенберг ги повика сојузниците „заедно повеќе да одвојуваат“ за заедничките одбранбени иницијативи. Покрај зајакнувањето на внатрешните консултации, ова е еден од главните предлози за модернизација на оваа институција, во која во последните години се појавија големи несогласувања.
Столтенберг вчера изјави дека е уверен дека лидерите на Самитот на 14 јуни ќе ја потпишат реформската агенда, прва во мандатот на новиот американски претседател Џо Бајден.
Членките на НАТО, исто така, мора да се договорат како во Авганистан ќе продолжи нивната соработка со владата во Кабул откако преостанатите 10.000 војници ќе се повлечат од земјата, пишува ДПА.
Столтенберг неодамна јави дека авганистанската армија во иднина ќе може да се обучува и надвор од земјата. НАТО сака да ја задржи финансиската помош за азиската земја и да продолжи да ја советува, додава германската агенција.