Европа и Турција „ќе ги зацврстат“ односите во текот на 2013 година, пишува поранешниот министер за надворешни работи на Велика Британија Дејвид Милибанд во статија за британскиот весник „Фајненшел тајмс“.
Новата 2013 може, а и би требало да биде година во која односите меѓу ЕУ и Турција ќе се свртат кон подобро, посочува Милибанд. Минавме долг пат од зашеметувачките денови во 2005 година, кога ЕУ и Анкара ги почнаа преговорите за присоединување на Турција кон Европската унија. Отворени се едвај осум од вкупно над 30 поглавја, а многу поглавја беа блокирани од ненаклонетоста на Кипар, Франција и другите скептици.
Во меѓувреме се зголемија и стравувањата заради прекршувања на човековите права и другите злоупотреби во Турција, вклучувајќи ги и оние кон новинарите, забележува поранешниот британски министер за надворешни работи.
Ентузијазмот на Турција, исто така, се намалува. Тоа е донекаде е општествен одговор на нејзиното одбивање од страна на ЕУ. Тоа, меѓутоа, ја одразува и самоувереноста на Турција заради нејзиното влијание на Блискиот исток, пишува Милибанд и додава дека стремежот на Турција бил да има „нулта проблеми со соседите“.
Според поранешниот британски министер за надворешни работи, во моментов, меѓутоа, и Европа и Турција имаат добри причини да мислат повторно за зближување. Европа мисли за зближување заради фактот дека на прагот и стои економски џин, а таа има потреба од секаква помош. За Турција, пак, Европа претставува регион на соодветна стабилност. Не треба да се заборави и фактот дека Турција е членка на НАТО, пишува Милибанд.
Промената во правилата на игра може да дојде од земјата, од која тоа најмалку можеше да се очекува – Франција. За време на претседателскиот мандат на Никола Саркози Франција беше против идејата за членство на Турција во ЕУ. За разлика од Саркози Франсоа Оланд не кажал ништо слично. Тој дури тивко соопшти дека во текот на април 2013 година планира да ја посети Турција, а оние кои го познаваат сметаат дека ќе има позитивен развој за прашањето за присоединувачките преговори на Анкара, посочува уште Милибанд.