Германската канцеларка Ангела Меркел денеска изрази загриженост за останувањето на Велика Британија во составот на ЕУ.
Изјавата на Меркел доаѓа во време кога европските лидери разговараат околу кандидатите за претседател на Европската комисија. Германскиот весник „Шпигел“ објави дека британскиот премиер Дејвид Камерон ги предупредил останатите европски лидери дека нема да може да гарантира останување на земјата во ЕУ, ако Жан Клод Јункер биде избран на функцијата.
– Не сум рамнодушна кон прашањето дали Велика Британија ќе е членка на ЕУ или не, изјави Меркел.
Меркел уште еднаш потсети дека ја поддржува кандидатурата на Јункер за функцијата претседател на ЕК, но истовремено ја истакна потребата да се бара што е можно поголем консензус.
Германската канцеларка на прес-конференција по средбата со грузискиот премиер Иракли Гарабашвили истакна дека кандидатурата на Јункер би можела да биде одобрена од европските лидери со „квалификувано мнозинство“.
Според весникот „Шпигел“ британскиот премиер ја информирал Меркел дека изборот на Јункер ќе ја дестабилизира неговата влада до тој степен што референдумот за излез на Велика Британија од ЕУ ќе треба да биде организиран многу порано.
Засега Даунинг стрит не ги коментира тврдењата на весникот „Шпигел“.