Меркел повика на посветеност кон демократијата на Денот на германското обединување

Од:

Германската канцеларка Ангела Меркел, денеска, на 31-годишнината од германското обединување повика да се продолжи посветеноста кон демократијата.

– Мораме на неа заеднички да работиме, одново и одново, секој ден, рече конзервативната политичарка на церемонијата по повод Денот на германското обединување, во центарот на градот Хале.

Повремено, рече таа, демократските достигнувања се сфаќаат несериозно.

Деновиве, додаде таа, гледаме се повеќе напади врз таквите благородни вредности, како слободата на медиумите. Сведоци сме на ширење огорченост и омраза во јавноста преку лаги и дезинформации.

-Демократијата е на удар, рече Меркел, додавајќи дека самата социјална кохезија е на тест.

Канцеларката се осврна и на нападите врз луѓето кои работат за општо добро, како што се пожарникарите и локалните политичари.

-На вербалната брутализација и радикализација што се случува таму не само што треба да одговорат оние што се жртви на тоа, туку сите мора да ја отфрлат, рече таа, додавајќи дека сите премногу брзи вербални напади водат до насилство.

Таа потсети и на храбрите напори на многу луѓе во поранешна Источна Германија за време на мирната револуција во 1989 година, велејќи дека никогаш не смее да се заборави дека работите можеле да излезат поинаку.

Прославата на Денот на германското единство денеска почна со екуменска миса во Хале за христијаните, Евреите и муслиманите.

Претседателот Франк-Валтер Штајнмаер и Меркел присуствуваа на мисата во црквата „Св. Павле“ во градот што беше во Источна Германија кога државата беше поделена.

Ова беше еден од последните јавни настапи на Ангела Меркел како канцелар.

Меркел, која потекнува од поранешна Источна Германија, има намера да се повлече по 16 години на чело на германската политика, штом ќе се формира нова федерална влада по минатонеделните избори.

Би можело да ве интересира

Бајден ги измеша Ангела Меркел и Хелмут Кол кој почина во 2017 година

Катерина Ѓуровски

Меркел го доби највисокото германско државно признание

Пропаднатиот план на Меркел: Немав доволно моќ да го спречам Путин

Меркел предупредена дека премногу троши и дека има премногу вработени

Меркел: Не жалам за енергетската политика со Русија

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Меркел: Заканите на Путин треба да се сфаќаат сериозно