Меркел исфрлена од Балкан експрес?

Од:

Дојче веле – Бон

Германскиот печат оценува дека „затворањето на балканската рута е фијаско и тоа не само од хуманитарни причини; и дека тоа на политички план може да значи конечно кинење на врските меѓу Меркел и мнозинството кое се оградува‟, но има и предупредувања дека со тоа проблемот не е решен, туку само „изместен‟, пренесува „Дојче веле‟.

Германските медиуми наведуваат дека „наспроти противењето на Берлин и критиките до канцеларката Ангела Меркел, балканската рута практично е затворена‟.

„Дојче веле‟ вели сепак дека „потегот на балканските земји, кој според општото верување го диригираше Австрија, многу Германци го поздравуваат, а меѓу нив е и владејачката баварска Христијанскосоцијална унија ЦСУ‟, сестринска партија на партијата на Меркел Христијанскодемократската унија ЦДУ.

Национал-конзервативниот весник „Junge frajhajt‟ на својот портал коментира дека балканските земји и Австрија без двоумење ја исфрлиле Германија од возот, што посебно му се допаѓа на коментаторот на овој весник.

„Балканската рута во најголема мера е затворена. Ниту една тамошна држава не гледа свој интерес во тоа да зависи од расположението и каприците на канцеларката. Ангела Меркел не е машиновозач туку тоа е австрискиот канцелар Вернер Фајман кој го диктира темпото под внатрешно политички притисок на зајакнатата Слободарска партија на Австрија… Германија не може да се справи со тоа, канцеларката остана осамена‟ – оценува овој весник.

Дизелдорфскиот весник „Rajnisse post‟ коментира дека „цинично е да се поздравуваат еднострани национални потези кои подразбираат огради, бодликави жици и подигање на ѕидови‟.

Тие еднострани потези, според овој весник, се само „израз на очигледната неспособност на членките на ЕУ да соработуваат‟.

„Дури и кога можеби се во состојба да се согласат околу одреден систем на вредности кој ги вклучува хуманитарните принципи, тие не се во состојба сложно да се држат до тие принципи‟ – оценува весникот.

Овој медиум наведува дека со затворањето на балканските граници проблемот не е решен туку само изместен.

„Би било нереално да се верува дека очајните луѓе од сиромашните и кризни подрачја, нема да побараат други патишта со помош на криминални и криумчарски банди, сепак да дојдат во ЕУ, на пример во Германија‟ – додава весникот.

Весникот прогнозира дека повторно ќе стане атрактивна рутата преку Либија до Италија, што подразбира уште поризичен пат на мали и стари бродчиња.

Затворањето на Балканската рута е фијаско и тоа не само од хуманитарни причини. Тоа на политички план може да значи конечно кинење на врските меѓу Меркел и нејзините малубројни сојузници во ЕУ од една и мнозинството кое се оградува од друга страна. Пред тешките преговори со Турција, за канцеларката ова станува уште една, висока пречка.

Неизбежниот застој на луѓето во бегство во Грција и Турција значи дека ЕУ дури сега ќе мора целосно да смета на претседателот на Турција Реџеп Тајип Ердоган. Ако се зголеми притисокот на Турција да ги згрижи луѓето кои сега Македонија и дружината не ги пропуштаат, Турција во текот на преговорите со ЕУ може да испрати се повеќе барања во своја корист. Веќе од финансиски причини такво нешто нема да оди во прилог ни на балканските земји – заклучува „Rajnise post‟.

„Vestdojcce algemajne cajtung‟ од Есен пишува дека Ангела Меркел успеала во својата цел на заклучокот на самитот на ЕУ и Турција да не стои реченицата дека балканската рута е затворена.

„Но, додека Меркел ја изговараше својата парола во микрофоните, другите колеги од ЕУ работеа на терен. Балканската рута е затворена и токму во Македонија и Словенија никој не е загрижен што Меркел и претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер успеале во тоа спорната реченица да не стои во заклучоците на самитот‟ – наведе весникот.

Весникот смета дека „Меркел морала да капитулира пред срамната политика на блокади и менталитетот на тврдина која владее во соседните држави‟.

„За праведната распределба на бегалците повеќе не може да стане збор, наместо тоа сега Грција станува огромен бегалски камп. Трагикомична е претпоставката дека затворањето на границите ќе ги избрка бегалците. Ужасите од кои бегаат тие се поголеми од стравот од новите опасни бегалски рути. Ќе има уште мртви. Европа го покажа своето грдо лице и ги гази своите вредности‟ – оценува овој весник.

Минхенскиот весник „Меркур‟ пишува дека Грците веднаш почнале со отстранување на камповите во Идомени на македонската граница.

„Во едно село заборавено од Господ во грчката провинција со тоа се завршува одисејата на десетици илјади бегалци. Се завршува и европската цик-цак бегалска политика која се движи од селфите на Меркел со бегалците до Орбановата бодликава жица. Призорите на јадот од Идомени ја мачат Европа, макар тој нејзин дел кој го зачувал сочувството за луѓе во неволја. Но, тој јад е свесен сигнал на ЕУ мигрантите на тие кои денес се во бегалските кампови од азиската страна на Егејското море и можеби не размислуваат да тргнат на пат…

Пораката гласи: во Европа мигрантите повеќе не ги чекаат кадифени мечиња туку огради и тешко вооружени гранични полицајци‟ – наведе весникот „Меркур‟.

Берлинскиот весник „Tagesspigel‟ пишува дека очигледно со текот на времето се промениле и моралните начела според кои делува Европа и дека повеќе ни Ангела Меркел не е подготвена во голем стил да помогне на бегалците од Грција да дојдат директно во Германија.

„Новите времиња донесоа невообичаена издржливост на ужасни слики, заострено бегалско право, контролирани или затворени граници како дел од резигнирачката, но реална состојба: Ние не можеме повеќе да ве примиме. Бегалската политика на канцеларката и за неа беше забрзан курс за можностите и границите на практичната љубов кон блискиот. Чемерно е сега да се гледаат тие кои цело време зборуваа дека треба да се ограничи доаѓањето на бегалците и кои порачуваат: убаво ви рековме. Но, триумфот на тие мудреци не може да го обезвредни спонтаниот импулс да се помогне на луѓето‟ – смета овој весник. 

Би можело да ве интересира

Русин со нож усмрти двајца Украинци во Германија

Првиот германски разузнавач: И Русите се подготвени за саботажа

Горан Наумовски

Тројца тинејџери уапсени во Германија под сомнение дека планирале напад

Спречен терористички напад во Германија

Германски медиуми: Во Европа откриено складиште за оружје на Хамас

Германија: Стапи на сила законот за декриминализирање на поседувањето канабис