Меркел и Макрон разговараа со кинескиот лидер Сји Џинпинг

Од:

Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон денеска одржаа заеднички разговори со кинескиот лидер Сји Џинпинг, во време кога односите меѓу ЕУ и втората по големина светска економија стануваат сѐ потензични, јавува ДПА.

-Видеоконференциската врска меѓу тројцата лидери се фокусираше на односите меѓу ЕУ и Кина, меѓународната трговија, заштитата на климата и биодиверзитетот, посочи портпаролот на германската Влада.

Лидерите разговараа и за соработката во борбата против пандемијата на Ковид-19, глобалното снабдување со вакцини и други меѓународни и регионални теми.

Меркел и Макрон се залагаат за заострување на краткорочните цели за намалување на емисиите на јаглерод диоксид, како и за заедничките напори за заштита на биодиверзитетот.

Кинескиот град Кунминг во октомври ќе биде домаќин на конференција на ОН за биодиверзитетот, додека следната конференција на ОН за климатски промени ќе почне малку подоцна во Глазгов, во Шкотска.

Според кинески извори, пренесува ДПА, Си во видео разговорот се залагал за „мултилатерализам и соработка“.

Последен пат тројцата лидери разговараа во април, а тогаш главна тема беше заштитата на климата. Оттогаш, постојано растат тензиите меѓу Кина и ЕУ.

Европа го обвинува Пекинг за нефер трговски практики, за континуирано кршење на човековите права на ујгурското малцинство, задушување на движењето за демократија во Хонг Конг и за покажување на својата воена моќ во територијалните спорови со соседите.

Европскиот парламент во мај го стави во мирување долго планираниот договор за инвестиции меѓу Кина и ЕУ. Тоа беше предизвикано од кинеските контрасанкции во март, кои беа одговор на европските казни против официјални кинески лица за кои Брисел тврди дека се одговорни за кршење на човековите права во автономната област Синџијанг.

Би можело да ве интересира

Франција: Едно лице загина, а неколку се повредени во Мулхаус, Макрон тврди дека станува збор за „исламистички тероризам“

Макрон: Франција нема да испрати копнени трупи во Украина

Макрон за средбата во Ријад: Трамп може повторно да започне корисен дијалог со Владимир Путин

Трамп ги вклучи сите аларми во Европа: Макрон повика на итен состанок на лидерите на ЕУ во Париз

Макрон предложи воена мобилизација „како што се натрупуваат заканите“

Макрон го критикуваше мешањето на Маск во изборите во Европа