Мерц: Обидот за напад со дрон во Лајпциг е подготвуван со месеци во Русија

Од:

Обидот за напад со дрон врз аеродромот Лајпциг/Хале со месеци бил подготвуван во Русија и бил директно насочен против Германија, изјави во средата германскиот канцелар Фридрих Мерц.

„Само по чиста среќа избегнавме голема материјална штета и човечки жртви“, рече Мерц во обраќањето пред Бундестагот, нагласувајќи дека катастрофата била спречена во последен момент.

Обраќањето на канцеларот уследи само неколку дена по убедливата победа на десничарската Алтернатива за Германија (AfD) на изборите во сојузната покраина Саксонија-Анхалт. AfD во изборната кампања се залагаше за прекин на дел од германската поддршка за Украина и за приближување кон Русија.

Русија отфрла каква било вмешаност во инцидентот. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го обвини Мерц дека на Москва „всушност ѝ објавува војна“, а германските обвинувања ги опиша како почеток на „вистинска војна“.

Германската влада на 1 септември за првпат директно ја посочи Русија како одговорна за обидот за напад врз аеродромот Лајпциг/Хале, кој се случи на почетокот на август.

На подрачјето на аеродромот на 4 август бил пронајден дрон со експлозивна направа во близина на украински товарни авиони. Направата не експлодирала бидејќи детонаторот, според досегашните информации, бил неисправен. Истражителите се сомневаат дека втор дрон удрил во товарен авион, додека околу десет дена подоцна во околината бил пронајден и трет дрон.

Лајпциг/Хале не е само голем цивилен и товарен аеродром. Германската војска и сојузниците од НАТО го користат за транспорт на воена опрема, а таму се наоѓа и базата на украинската компанија „Антонов ерлајнс“, која превезува голем дел од украинскиот товар по воздушен пат.

Германскиот министер за внатрешни работи Александер Добринт изјави дека инцидентот одговара на „добро познатиот образец на руските хибридни операции во Европа“ и предупреди дека Берлин очекува нови обиди за вакви акции.

Германската влада поради тоа најави затворање на рускиот конзулат и Рускиот дом на науката и културата, како и засилен притисок врз Москва преку санкции и мерки против руската „флота во сенка“.

Русија германските обвинувања ги нарече измислени и провокативни. Руското Министерство за надворешни работи го повика германскиот вршител на должност амбасадор во Москва на разговор и предупреди дека германските мерки ќе добијат „силен одговор“.

Владимир Путин го обвини Берлин дека подметнал докази за нападот за да ѝ го припише на Русија, тврдејќи дека владата на Мерц ја претставува Русија како непријател за да го сврти вниманието од внатрешнополитичките проблеми.

Во меѓувреме, германските медиуми објавија дека истражителите идентификувале двајца осомничени поврзани со случајот – латвиски државјанин роден во Русија и руски државјанин од Белорусија. Според тие извештаи, германските власти веројатно нема да можат да ги приведат.

Најновите обвинувања на Мерц доаѓаат во особено чувствителен политички момент. AfD на неделните избори во Саксонија-Анхалт освои 43,8 отсто од гласовите и 39 од вкупно 83 пратенички места, само три помалку од апсолутното мнозинство. Мерцовиот CDU заврши далеку зад нив, со 17,2 отсто и 15 мандати.

AfD во Саксонија-Анхалт се залага за строга политика кон миграцијата, намалување или прекин на дел од помошта за Украина и нормализирање на односите со Москва. Другите етаблирани германски партии досега одбиваа коалиција со AfD, придржувајќи се до таканаречениот „заштитен ѕид“ кон крајната десница.

Победата на AfD затоа дополнително ја усложнува политиката на Мерц кон Русија: додека федералната влада ја обвинува Москва за директен хибриден напад врз германска територија и ги заострува мерките против неа, партијата која се залага за значително подобри односи со Русија токму сега оствари еден од своите најголеми изборни успеси досега.

Би можело да ве интересира

Лавров: Украина ќе плати висока цена за нападите врз руските цивилни цели

Горан Наумовски

Русија со нов удар врз украинската логистика: Погодени камиони и цистерни

Џефри Сакс: „Америка веќе не е единствената суперсила во светот“

Горан Наумовски

Мерц по триумфот на AfD: „Овој резултат ја менува Германија“

Палиса: Путин постави рок за освојување на Доњецк – руската војска бара одложување

Горан Наумовски

Поранешен шеф на МИ6: „Траен мир во Украина е невозможен додека Путин е на власт“