„Билд“: Русија планирала напад во Полска, а потоа вината да ѝ ја префрли на Украина

Од:

Полската гранична полиција, разузнавачките служби и елитните воени единици се ставени во состојба на висока готовност по извештаите за наводна руска операција што се подготвувала долж границата со Калининград. Според овие информации, Москва планирала провокација од типот „лажно знаме“ (false flag) на територијата на Полска, земја-членка на НАТО, пренесува германскиот весник „Билд“ (Bild).

Руските разузнавачки служби наводно планирале саботажа на полска територија – во близина на границата со руската ексклава Калининград – за крајот на октомври или почетокот на ноември, со намера за нападот да ја обвинат Украина. Како што пренесува „Украинска правда“, оваа информација првично ја објави полскиот весник „Жечпосполита“ (Rzeczpospolita), повикувајќи се на високи извори во полската војска и безбедносните служби.

Операцијата предвидувала упад на руски саботери на полска територија. Нивната цел била да извршат напад што би резултирал со голем број жртви. Потоа, планирале да остават подметнати докази чија цел била да ја поврзат Украина со нападот.

Извори запознаени со операцијата за спречување на нападот наведоа дека сојузничките разузнавачки служби ја предупредиле Варшава, а заканата подоцна била потврдена и од полски аналитичари.

„Имавме информации за точните локации што биле цел на нападот. Рускиот план предвидувал голем број жртви“, изјави еден од изворите за „Жечпосполита“. Друг извор го спореди планот со инцидентот во Глајвиц (Гливице) – германска операција од типот „лажно знаме“ од 1939 година. „Требаше да биде нешто слично на Глајвиц. Оние што ќе ја преминеа границата веројатно ќе беа убиени, а кај нив ќе беа пронајдени докази што ќе ги поврзуваа со Украина. Целта беше да се запре помошта за Украина“, објасни тој.

Полските служби презеле контрамерки откако руски разузнавачи, задолжени за координирање на саботажата, биле забележани на руската страна од границата. Ваквите операции обично се планираат и координираат од страна на ГРУ, руската воена разузнавачка служба.

Кон крајот на октомври, полициските сили во областите долж границата со Русија беа засилени со службеници од други делови на Полска. Засилувања пристигнаа и на пунктовите на граничната стража, а на терен беа распоредени и дополнителни агенти од Агенцијата за внатрешна безбедност. Специјални единици спроведоа вежби во Варминско-мазурското војводство. „Целта беше одвраќање, како и обезбедување на способност за превентивно дејствување“, изјави извор запознаен со деталите.

На почетокот на ноември, во седиштето на полската полиција беше формиран специјален оперативен штаб за раководење со операциите во Варминско-мазурското и Подлашкото војводство. На 3 ноември, премиерот Доналд Туск потврди дека во текот на ноќта, долж полско-руската граница, биле забележани „сомнителни активности“.

На прашањето од новинарите дали Русите планирале терористички напад на локација со голем број луѓе, Томаш Семјењак – министер и координатор на специјалните служби – не даде директен одговор. „Не го знам одговорот на тоа прашање; ќе мора да ги прашате Русите. Тие обично не признаваат дека планираат такви акции. Дури и да имаме такви информации, ние не ги споделуваме“, рече тој.

Сепак, тој ја потврди сериозноста на ситуацијата.

„Ако презедовме одредени мерки, тоа е затоа што сметавме дека заканата е реална“, изјави Семјењак, додавајќи: „Верувам дека сите мерки преземени во овој случај беа соодветни. Достапните докази укажуваа на тоа дека заканата е оценета како реална“.

Би можело да ве интересира

Зеленски бара од САД пристап до „Старшилд“: Технологијата може да го промени текот на војната

Песков: Русија нема претерано високи очекувања од трилатералната средба во Кина

Стуб ја предупредува Европа: Неодговорно е преговорите со Русија да ѝ се препуштат на Америка

Германија и Норвешка издвојуваат 300 милиони долари за американски ракети за Украина

Украинската војска тврди: Дел од Кримскиот мост e уништен по успешен напад

Бајден за потегот што го загрижи Кремљ: НАТО стигна до границите на Русија