Партијата на мексиканскиот претседател Енрике Пења Ниета, Институционалната револуцинерна партија (ПРИ) победи на изборите за Конгресот и го задржа мнозинството и покрај протестите и падот на популарноста.
Се очекува дека партијата ќе освои меѓу 29,87 и 30,85 отсто од гласовите. Зад неа е конзервативната Партија за национална акција, која ќе добие меѓу 21,47 и 22,7 отсто од гласовите, изјави претседателот на Националниот изборен институт, Лоренсо Кордова.
Тоа значи дека ПРИ ќе има меѓу 196 и 203 од вкупно 500 пратенички места во Долниот дом на Конгресот, што е помалку од досегашните 207 мандати, пренесува Танјуг.
Но затоа се очекува дека нивниот сојузник Партијата на зелените ќе има поголем број пратеници од досегашниот состав, бидејќи обезбеди седум отсто од гласовите. Тоа значи дека ќа има меѓу 41 и 48 пратенички места.
Друг партнер на ПРИ, Нова Алијанса ќе освои меѓу девет и 12 пратенички места.
Најголем губитник на изборите е левичарската Демократска револуционерна партија (ПРД), која падна од 18,4 отсто од гласовите освоени на изборите во 2012 година на 11 до 12 отсто.