Мексиканските власти пронајдоа масовна гробница, во парк во општина Тлалманалко, во близина на Мексико Сити и истражуваат дали во неа се и телата на 12 млади лица кои пред три месеци беа киднапирани.
Главниот обвинител во мексиканската претстолнина, Родолфо Риос, рече дека до сега се пронајдени седум тела и дека властите привеле две осомничени лица кои биле во близина на гробницата, пренесе „Франс прес“.
Риос не наведе на кој начин била откриена таа, но истакна дека ќе бидат потребни најмалку два дена да се добијат резултати од ДНК анализата за да се идентификуваат жртвите.
Дванаесетте млади беа киднапирани на 26 мај во еден бар, а инцидентот предизвика голема загриженост за безбедноста во Мексико Сити.
Обвинителот, за киднапирањето смета дека е во врска со спорот помеѓу бандите на Унион и Тепис, кои продаваат дрога во квартот Тепито.
Елена Георгиевска