Претседателот на Мексико соопшти дека неговата Влада не се откажува од апсењето на синот на познатиот наркобос Хоакин „Ел Чапо“ Гузман кога ќе се исполнат условите тоа да се направи безбедно.
Синот на Ел Чапо, Овидио Гузман Лопез, кусо беше приведен во четвртокот во северниот дел на Мексико, по што избувнаа насилни судири меѓу безбедносните сили и припадници на моќниот картел Синалоа, и тој беше ослободен.
Претседателот на Мексико Андрес Мануел Лопез Обрадор изјави дека со одлуката да се ослободи Овидио Гузман се „спасиле животи“, но најави дека ќе биде издаден нов налог за апсење.
Еден од најмоќните светски наркобосови, 62-годишниот Ел Чапо, беше осуден на доживотен затвор плус 30 години дополнителна затворска казна.