Мексиканскиот конгресмен Браулио Гера се качи на оградата изградена долж границата со САД за да покаже дека граничниот ѕид на американскиот претседател Доналд Трамп е „непотребен и целосно апсурден“.
Конгресменот од државата Керетаро на Твитер објави фотографии и видео снимка на кои се гледа како седи на оградата висока околу 10 метри.
– Би било едноставно да скокнам во САД, што ја покажува непотребноста и целосна апсурдност од изградбата на ѕидот. Лесно е и покажува колку е непотребен овој проект, оваа политичка реторика на Доналд Трамп, изјави Гера.
На една од објавените фотографии има уште две лица како седат на ѕидот. Гера тврди дека ѕидот е лесен за качување.
Еј-Би-Си њуз наведува дека Гера не објавил фотографии или видео снимка како се качува на ѕидот, а некои корисници на Твитер го поставија прашањето како тој се качил на оградата и колку тој потфат навистина е лесен.