Мексиканската федерална полиција презеде контрола врз 13 градови во јужно Мексико, каде локалната полиција е осомничена за поврзаност со организиран криминал, како и за можна поврзаност со исчезнувањето на 43 студенти, соопшти денеска мексикански официјален полициски претставник.
Сите овие градови се наоѓаат во радиус од 200 километри од Игуала, градот од кој пред три недели исчезнаа студенти по судирот со полицијата.
Меѓу градовите во кои федералната полиција ја презеде контролата се и туристичките дестинации Такско и Икстапан, во сојузната мексиканска држава Гереро.
Надлежните органи, кои го истражуваат исчезнувањето на студентите, во 13 градови пронашле „нерегуларности“ и „основан сомнеж за поврзаност со организираниот криминал“, рече полицискиот комесар на Националната безбедност Монте Алехандро Рубидо.
Федералната полиција претходно ја разоружа локалната полиција во Игуала и Кокули и уапси 36 полицајци, додека градоначалникот и командантот на полицијата во Игуала се во бекство. Двајцата се обвинети за поврзаност со локалниот нарко картел Гереро Унидос, за кој се верува дека, заедно со полицијата, го извел исчезнувањето на студентите кон крајот на септември.
Потрагата по студентите се води по копно, вода и од воздух со помош на роднини и на Меѓународниот црвен крст.