Британската премиерка Тереза Меј изјави дека „е многу веројатно“ Москва да е одговорна за труењето на поранешниот руски агент Сергеј Скрипал.
„Многу е веројатно дека Русија е одговорна за извршениот чин против Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија“, изјави Меј, која пред пратениците во Лондон откри дека дека гасот со кој се отруени бил од тип развиен во Русија.
Според неа, се работи за нервно-парализирачки гас со име „новичок“, а во врска со тоа, рускиот амбасадор во Британија е повикан на разговор во британското МНР.
Сергеј Скрипал и неговата 33-годишна ќерка беа примени во болница во Салсибери, јужна Англија, во критична состојба на почетокот од месецов поради труење. Претходно од руската амбасада во Лондон изјавија дека британската влада „игра опасна игра“ во случајот со Скрипал обвинувајќи ги властите дека не прават ништо за да ги запрат шпекулациите во медиумите за нападот против поранешниот руски разузнавач.