Висок московски функционер ја обвини Финска дека подготвува терен за напад врз Русија во име на НАТО, заканувајќи се дека ќе „исчезне“.
Дмитриј Медведев, поранешен претседател и премиер, кој сега е заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија, го упати предупредувањето по посетата на 1.340-километарската граница на Русија со Финска.
„Под маската на одбранбени мерки, Хелсинки се упатува кон конфронтација, се подготвува за војна со Русија, очигледно подготвува отскочна даска за напад врз нас“, напиша Медведев во статија објавена од државната новинска агенција Тас.
Медведев го наведе учеството на земјата во неодамнешните воени вежби на НАТО како „доказ“ за намерите на Финска и предупреди дека конфронтацијата „може да доведе до исчезнување на финската државност засекогаш“.
„За разлика од 1944 година, овој пат никој нема да биде попустлив кон нив“, додаде тој.
Тој, исто така, го критикуваше отворањето на команден центар на НАТО во финскиот град Микели, на околу 240 километри од Санкт Петербург.
Иако, како што објавува „Индекс“, Медведев е познат по својата остра и често апокалиптична реторика, ова е прв пат од почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година, висок руски функционер директно да обвини одредена членка на НАТО.
Медведев во јули изјави дека Русија мора да биде подготвена за „превентивни напади“ против западните земји.
Во исто време, Русија и нејзиниот сојузник Белорусија најавија заеднички воени вежби од 12 до 16 септември во близина на полската и литванската граница.
Вежбите се одржуваат на секои четири години од 1999 година, но ова е прв пат од 2022 година.
Тие ќе вклучуваат сценарија за употреба на нуклеарно оружје, како и тестирање на руската хиперсонична ракета „Орешник“, објавија во Минск.