Во главниот град на Камбоџа за време на викендот се одржа симпозиум за состојбите во медиумите во Источна Азија на кој еминентни новинари од петнаесет држави заклучија дека овој дел на светот се уште е затворен во рамките на државните граници, а таа состојба ја следат и медиумите.
Недостигот на контакти меѓу луѓето во Источна Азија, заклучија новинарите, најмногу се огледува во недостигот на информации за состојбите и развојот на другите држави, така што медиумскиот простор, објективно, е „забаракадиран“ во државните граници.
Новинарите особено беа самокритични за уредувачките политики во електронските медиуми. Според нив, ако има ограничувања што придонесуваат за затвореноста во локални рамки, тие повеќе се последица на своевидната самоцензура на уредниците, а не последица на државните политики во регионот.
Новинарите укажаа дека во источна Азија недостасува и поврзаност на државите во политичката, економската и културна соработка меѓу нив. Како што сега изгледа политичката карта на овој дел на светот, според новинарите, ќе поминат уште неколку децении за Источна Азија да заличи на простор отворен за сите.