Римокатоличката надбискупија Неапол соопшти дека испратила до Ватикан досие на 1.200 страници, кое го составил „маж за придружба”, а во кое се идентификувани 40 активни геј свештеници и студенти на богословија во Италија.
Во соопштението објавено на веб-страницата на бискупијата, кардиналот Кресенцо Сепе тврди дека ниту еден од идентификуваните свештеници не работи во Италија.
Тој, сепак, рече дека одлучил да го достави документот на Ватикан, бидејќи „останува тежината на предметот според кој тие што згрешиле мора да ја платат цената и дека им треба помош да се покајат за предизвиканата штета”.
Досието, кое содржи преписки од социјалната мрежа „Вацап“ и други „докази”, составено е од страна на „маж за придружба“ Франческо Манџиакапра.
Тој им кажал на италијанските медиуми дека идентификувал геј свештеници, бидејќи не можел повеќе да го поднесе нивното лицемерие.
Ниту еден од 34 свештеници ниту шестмината студенти на богословија не е обвинет за секс со малолетници, се вели во соопштението на бискупијата, повикувајќи се на кажувањата на Манџиакапра.
– Зборуваме за гревови, а не за злосторства, го цитираат „мажот за придружба“ од бискупијата.