Си-Ен-Ен објави вчера дека Илон Маск тајно им наредил на своите инженери да ја затворат сателитската комуникациска мрежа Старлинк на неговата компанија во близина на брегот на Крим минатата година за да спречат таен украински напад врз руската поморска флота, се вели во извадок од новата биографија на Волтер Исаксон за ексцентричниот милијардер.
Додека украинските подморнички беспилотни летала со експлозив се приближуваа до руската флота, тие „изгубија контакт“, пишува Исаксон, како што пренесува Си-Ен-Ен, кој го објави ова како своја ексклузивна информација.
Одлуката на Маск, која ги натера украинските власти да го молат повторно да ги вклучи сателитите, беше поттикната од акутен страв дека Русија ќе одговори на нападот на Украина на Крим со нуклеарно оружје, страв што беше поттикнат од разговорите на Маск со високи руски претставници според Исаксон. Книгата треба да биде објавена на 12 септември.
Маск сега потврди на X дека го саботирал големиот украински напад, но вели дека не го исклучил Starlink, туку одбил да го вклучи. Одговарајќи на објавата на X со наслов „ЕЛОН СПРЕЧИ НУКЛЕАРНА ВОЈНА?“, Маск напиша: „Starlink не беше активиран во дотичните региони. SpaceX не деактивираше ништо“.
Тој продолжи да тврди дека иако не им наредил на инженерите да го исклучат сателитскиот систем, тој ги одбил украинските молби да го вклучи.
„Имаше итно барање од властите да се активира Starlink сè до Севастопол. Очигледната намера беше да се потоне поголемиот дел од руската флота. Ако се согласев на нивното барање, тогаш SpaceX ќе беше експлицитен соучесник во голем воен чин и ескалација на конфликтот“, напиша Маск.
„Двете страни треба да се согласат на примирје. Секој ден се повеќе украински и руски млади умираат за да добијат или загубат мали парчиња земја и границите едвај се менуваат. Ова не вреди нивниот живот“, напиша Маск.
Откако Русија оневозможи добар дел од украинските комуникации, Маск донираше Starlink на Киев. Тој систем набрзо стана клучен за украинската одбрана. Но, кога Украина почна да го користи Starlink за напади, Маск почна да ја доведува во прашање неговата одлука, се вели во книгата.
„Старлинк не требаше да биде вклучен во војни. Таму е за луѓето да можат да гледаат Нетфликс и да се релаксираат и да се поврзат за училиште и да прават добри мирни работи, а не за напади со беспилотни летала“, вели Маск.
Маск разговараше со советникот за национална безбедност на претседателот Џо Бајден, Џејк Саливан, генералот Марк Мили и со рускиот амбасадор во САД. Во меѓувреме, Михаило Федоров, заменик-премиерот на Украина, го замоли Маск да воспостави врска за подморнички беспилотни летала, кажувајќи му на Маск за нивните способности во СМС порака, според Исаксон во книгата.
„Сакам само вие – личноста која го менува светот преку технологијата – да го знаете тоа“, му рекол Федоров на Маск. Маск одби да ги вклучи сателитите, велејќи им на Украинците дека одат предалеку, според биографот на Маск.