Во интервјуто за „Си ен ен“ поранешениот доминикански калуѓер, Марк Дауд кој и сам призна дека е хомосексуалец изјави дека речиси половина, а можеби и повеќе од свештениците се со хомосексуална ориентација.
Тој оцени дека хомосексуалноста е темпирана бомба во Католичката црква.
-Од една страна црквата учи дека привлекувањето кон истиот пол е еден вид болест, пореметување, од друга пак знаеме дека барем 50 проценти од свештениците се со хомосексуална ориентација и дека ги привлекува истиот пол – тврди Дауд.
Ватикан вчера објави дека шкотски надбискуп поднесе оставка, ден откако британските медиуми го обвинија за неговото децениско недолично однесување кон свештениците.
И италијанските медиуми минатиот викенд објавија „извалкан“ извештај за хомосексуалноста и уцените внатре во црковната хиерархија, потсети „Си ен ен“.
-Кога ја имаме оваа култура на тајни и вини, имаме услови кои поттикнуваат уцени и манипуцлации. Хомосексуалците се масовно презастапени внатре во црквата -изјави Дауд кој денес се занимава со новинарство.
Познатиот ватикански новинар, Марко Полити пак ги отфрли тврдењата на Дауд и ги нарече ѓубре.
Тој тврди дека информациите за постоење на геј лоби, кое во текот на викендот ги објавија италијанските „Република“ и „Панорама“ не се вистинити и дека никој не го видел тајниот извештај на Ватикан.
-Овде во Ватикан кардинали стануваат оние кои што имаат љубовни афери со жени и мажи, но ги сокриваат. Тие се либерали или конзервативци, но сигурно не делуваат како геј лоби -истакна Полити.
Елена Георгиевска