Мандатарот Нетанјаху бара продолжување на рокот на формирање нова израелска Влада

Од:

Мандатарот за состав на новата влада на Израел, Бенјамин Нетанјаху, вчеравечер побара рокот за формирање на владејачка коалиција со неговите ултраортодоксни и ултрадесничарски сојузници да биде продолжен за две недели.

По парламентарните избори одржани на 1 ноември, поранешниот премиер Нетанјаху е во позиција да воспостави стабилна десничарска влада и да стави крај на периодот на политичка стагнација што беше обележан со пет последователни изборни процеси за помалку од четири години.

На 13 ноември, претседателот на Израел, Исак Херцог, му го довери на Нетанјаху мандатот за формирање влада, бидејќи претставниците на 64 од вкупно 120 пратеници во израелскиот парламент (Кнесет) го поддржаа како мандатар.

Рокот од 28 дена истекува во недела на полноќ, а Нетанјаху доцна синоќа побара од Херцог да му даде повеќе време да постигне конечни договори со двете страни.

Претседателот на Израел со закон може да одобри дополнителни 14 дена за владините преговори.

Конзервативната Ликуд на Нетанјаху веќе потпиша коалициски договори со три контроверзни екстремно десничарски партии: Верски ционизам, Еврејска сила и партијата Ноам, која цврсто се противи на ЛГБТК заедницата.

Според барањето, на Нетанјаху му се потребни дополнителни договори, пред да обзнани дека владата е формирана.

Нетанјаху во писмото до Херцог наведува дека сè уште има неодговорени прашања за поделбата на функциите со партијата на сефардските Евреи – Шас и со Обединетата Тора јудаизам, во која се застапени Ашкенази Евреите.

Иако некои израелски политички аналитичари предвидуваа дека Нетанјаху ќе објави дека формирал влада само неколку дена по преземањето на функцијата, коалициските преговори се покажаа за доста сложени.

Нетанјаху беше принуден да довери чувствителни портфелји на контроверзни политичари, вклучувајќи го и лидерот на „Еврејските сили“, Итамар Бен-Гвир, познат по својата антиарапска реторика, а треба да биде министер за национална безбедност, задолжен за граничната полиција на окупираниот Западен Брег.

Освен тоа, Нетанјаху се уште нема донесено конечна одлука за распределбата на ресорите на членовите на неговата партија.

Формирањето влада се комплицира и поради фактот што лидерот на Шас, Арје Дери, е осуден за даночно затајување, поради што не може да биде во владата.

Израелскиот Кнесет (парламент), каде Нетанјаху и неговите сојузници сега имаат мнозинство, можеби ќе треба да усвои закон што ќе му овозможи на Дери да ја извршува функцијата министер. Врз основа на прелиминарниот договор со Ликуд, Дери во првиот дел од мандата на оваа влада на Нетанјаху би бил министер за внатрешни работи и здравство и вицепремиер, а во вториот министер за финансии.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Најмалку 47 лица загинаа, а 22 се ранети во израелски напад врз Балбек-Хермел во Либан

Израел и Хезболах продолжуваат да се борат и покрај преговорите

Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на Нетанјаху

Сирија: Израел изврши воздушен напад врз областа на античкиот град Палмира

Хезболах: Од САД пристигна предлог за прекин на огнот, продолжувањето на преговорите зависи од Израел

Кац: Израел инсистира на правото да дејствува воено против Хезболах во секој договор