Малала меѓу 100-те највлијателни личности во светот

Од:

Пакистанското девојче Малала Јусуфзај, која стана заштитно лице на борбата за правата на децата и правото на девојчињата на образование, и режисерот Стивен Спилберг се наоѓаат на годинешниот список на 100-те највлијателни личности во светот на списанието „Тајм“, пренесоа француските медиуми.

Списокот, што не е класификација, вклучува личности од различни области – автори, спортисти, политичари, бизнисмени и други луѓе кои се истакнале според нешто.

Годинава на списокот на „Тајм“ има 35 жени, а списанието за прв пат ќе излезе со седум различни корици во зависност од регионот во светот каде ќе се продава. На една од кориците е црнобелиот портрет на Малала, нејзиниот прв портрет откако беше прострелана од талибанците во октомври минатата година.

Меѓу другите жени, забележени од списанието, се војводката од Кембриџ, Кејт Мидлтон, (единствен член на британското кралско семејство на списокот), шефицата на Јаху, Мариса Мајер, кинеската тенисерка Ли На и американската скијачка Линдзи Вон.

Три познати двојки, исто така, се на списокот: американските пејачи Џеј-Зи и Бијонсе, кинескиот претседател Сји Џинпин и елегантната прва дама Пан Лијан и претседателот на САД, Барак Обама, и неговата сопруга Мишел.

Претседателот на САД е на списокот по осми пат што е рекорд меѓу годинешните личности.

Меѓу другите највлијателни личности во светот според „Тајм“ се наоѓаат новиот папа Франциско, курдскиот лидер Абдула Оџалан, мјанмарската опозициска лидерка Аун Сан Су Чи, лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун и претседателката на Јужна Кореја, Пак Гуан-хе.

Меѓу творците се режисерот Стивен Спилберг, актерите Даниел Деј-Луис и Џенифер Лоренс, пејачите Џастин Тимберлејк, Кристина Агилера и индискиот режисер и актер Амир Хан.

Меѓу спортистите се американскиот НБА кошаркар Леброн Џејмс и италијанскиот фудбалер Марио Балотели, како и директорот на американската агенција за борба со допингот Травис Тајгарт.

Списокот на списанието „Тајм“ се изготвува врз основа на препораки на неговите дописници, а процедурата трае неколку месеца. Секоја личност на списокот е претставена со краток портрет од понекогаш неочекуван автор. На пример, портретот на американскиот сенатор Том Кобејн го напишал самиот Барак Обама. Семејството Клинтон, исто така, е меѓу авторите: Хилари Клинтон го напишала портретот на Барак Обама, а нејзината ќерка Челси оној на Малала Јусуфзај.

Би можело да ве интересира

Грета Тунберг се сретна со нобеловката Малала Јусуфзаи

Ана Ололовска

Малала ја заврши посетата на Пакистан

Ана Ололовска

Гутереш ја назначи Малала за Амбасадор за мир на ОН

Ана Ололовска

Повеќето од напаѓачите на Малала Јусафзаи тајно пуштени од затвор

Емир Латифовиќ

Малала Јусуфзаи и Каилаш Сатјарти ја примија Нобеловата награда за мир

Емир Латифовиќ

Врачена Нобеловата награда за мир на Малала и на Сатјарти

Ана Ололовска