„Затворени сме во домовите, загрижени и во шок по синоќешните терористички напади што ја погодија Виена. Никој не можеше да претпостави дека вакво нешто може да се случи во австриската метропола, која беше пример за соживот и мир“, вели Зоран Ангеловски од една од групите на Фејсбук за здружување на иселениците.
Според неговите сознанија, нема повредени македонски државјани меѓу цивилните жртви на синоќешните напади, но вели дека ужасниот инцидент ги вознемирил и се чувствуваат небезбедни.
„Веста ја примив со шок. Во моментот кога слушнав дека има напад, веднаш почнав да вртам телефони, кај сопругата, пријателите, да слушнам дали се на безбедно. Паника, систрав, хаос, тоа беше што ми остана во сеќавање. Сè уште не можам да дојдам на себеси. Според моите информации, нема повредени Македонци во нападот, но не исклучена можноста да имало и наши луѓе таму, затоа што тоа е централен дел на градот, со кафетерии и ресторани каде вообичаено се движат многу луѓе“ , објаснува Ангеловски.
Друг Македонец кој живее во Виена, вели дека за среќа, во времето на нападот го напуштил домот и заминал подалеку од центарот, за да следи настава. Но, веста за нападот брзо се расчула и кога се враќал дома, полицијата веќе била насекаде низ градот.
„За среќа, Македонците не живеат во центарот на Виена. Може да се каже дека јас сум најблиску, во четврти округ. Но, за уште поголема среќа, синоќа патуваав до 20-тиот округ, каде следам еден курс. Кога заврши предавањето, почнав да добивам смс-пораки, телефонски повици, сите мои пријатели беа вознемирени. Според мене, нападот на Виена беше неминовен, затоа што повеќе години сум тука, и да бидам искрен, загрижувачка беше сликата на улиците на сè поголем број млади момчиња со бради и регигиозни ознаки“, вели Лука Г., кој повеќе од пет години живее во Виена.
Од македонските здруженија во Австрија велат дека денеска во Виена е празно по улиците, а најголем дел од жителите на австриската престолнина се во своите домови, следејќи ја препораката на властите за превенција од евентуални нови напади.