Венецуелската опозиција и Организацијата на американските држави (ОАС) ги обвинија властите на Венецуела и левичарскиот претседател Николас Мадуро дека ги користат воените судови во пресметката со демонстрантите и антивладините критичари во земјата.
Според невладините организации, најмалку 50 лица се досега уапсени, сослушувани и судени од воени судови, како и дека на десетици други се задржани во притвор по налог на овие судови без судење.
Властите во Каракас не ги потврдуваат, но ниту ги демантираат ваквите обвинувања од опозиција и од странство.
ОАС се огласи со соопштение во кое отворено предупредува дека Венецуела се движи кон диктатура.
– Почитувањето на основните човекови права повеќе не постои во оваа земја, откако стана јасно дека цивили се присилуваат да се појавуваат пред воени судови, изјави генералниот секретар на ОАС, Уругваецот Луис Алмагро.
Мадуро претходно соопшти дека неговата земја се повлекува од членството во ОАС, обвинувајќи ги земјите членки на Организацијата, за кои вели дека се блиски до САД, за „мешање во внатрешните работи“ на Венецуела.
Венецуелскиот претседател вчера соопшти дека планира да формира „воена изборна единица“ за, како што објасни, продлабочување на неговата социјалистичка револуција.
Опозицијата во земјата и неговите критичари меѓутоа тврдат дека Мадуро сака да ја внесе војската во Парламентот, создавајќи паралелно тело кое ќе му биде лојално, со цел да се неутрализира избраниот Парламент, кој по последните избори е под контрола на опозициските партии.
Венецуела, која е богата со нафта, се соочува со тешка економска криза и со недостиг на основни прехранбени производи и лекови, како и со политички хаос што може да доведе до пресметки меѓу власта, зад која стојат полицијата и војската, и противниците на Мадуро предводени од опозицијата.
Повеќе од 36 лица досега загинаа или беа убиени во уличните протести во Каракас и во други градови во земјата.