Венецуелскиот претседател Николас Мадуро издаде наредба на 26 и 27 август во целата земја да се организираат воени маневри, откако американскиот претседател, Доналд Трамп, се закани со воена интервенција за решавање на кризата во Венецуела.
– На Генералштабот на вооружените сили му издадов наредба да се подготват национални маневри, цивилни и воени, за сеопшта и вооружена одбрана на венецуелската татковина, соопшти социјалиастичкиот претседател пред своите приврзаници, кои беа собрани пред претседателската палата „Мирафлорес“ во Каракас, пренесува БТА.
Тој ги повика своите сонародници да се подготват „да го бранат мирот со тенкови, авиони и ракети“.
– Ќе ја победиме воената закана на северноамериканскиот империјализам. Никој не може да го заплашува венецуелскиот народ, кој е одлучен да се исправи против надмените расисти од САД, рече Мадуро.
„Трамп, оди си дома – тоа нека одекне до Вашингтон“, продолжи тој.
Мадуро од Уставотоворното собрание побара да ја прогонува опозицијата, која, според него, ја поддржала заканата на Трамп со воена интервенција, јавија американските медиуми.
Портпаролот на Пентагон, Робин Манинг, изјави дека Белата куќа не побарала од Министерството за одбрана да подготви сценарија за воена интервенција во Венецуела, и покрај тоа што Доналд Трамп минатата недела ја спомена оваа можност.
– Доколку побараат од нас, ние можеме да предложиме воени варијанти под надзор на претседателот. Но, јас не можам да давам предлози, затоа што тоа од нас не го барале, рече Манинг.