Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро го пролонгира конституирањето на новото Уставотворно Собрание, што беше закажано за денеска, за 24 часа, додека во исто време британската фирма ангажирана за набљудување на гласањето објави дека Владата ја фалсификувала бројката за излезност на изборите.
Државната обвинителка Луиса Ортега, една од најголемите критичари на Мадуро, изјави дека отворила истрага за скандалозната изборна измама.
– Именував двајца обвинители да истражат четворица членови на Националниот изборен совет за таквиот скандалозен акт, истакна Отрега.
Мадуро ги негира обвиненувањата дека демократијата во Венецуела е загрозена со контроверзните избори за Уставотворното собрание и ги оцени како „реакција на меѓународниот непријател“.
Тој, исто така ги отфрли и оценките дека минатонделните избори биле наместени.
Претседателот на Националното собрание на Венецуела, кое е под контрола на опозицијата, Хулио Боргес најави дека ќе побара истрага за наводите дека излезноста била зголемена за најмалку еден милион гласови.
Тој додаде дека податоците од софтверската компанија „Смартматик“ во целост го потврдуваат тоа во што се сомневаат опозициските лидери и независните аналитичари.
Извршниот директор на „Смартматик“, Антонио Мугика изјави дека резултатите забележани од нивните системи и тие на Националната изборна комисија укажуваат дека без сомнеж се манипулирало со бројката на излезени граѓани на гласање.