Според 92 проценти од преброените гласови од вчерашните општи избори, новиот претседател на Панама е поранешниот министер за земјоделство Лорентино „Нито“ Кортизо.
Според првичните неофицијални резултати 66-годишниот Кортизо добил 33 проценти од гласовите, додека поранешниот министер за надворешни работи Ромуло Рукс од опозициската партија Демократска промена (ЦД) освои 31 отсто.
Кортизо беше кандидат на опозициската Демократската револуционерна партија (ПРД). Тој на политичката сцена во Панама е од 1994 година и извршувал повеќе функции, меѓу кои заменик претседател на Националното Собрание и министер за развој на земјоделството.
Тој во 2008 година и во 2012 година не успеа да добие доволно гласови да се кандидира на претседателските избори.
Главна порака во предизборната трка му беше борбата против сиромаштијата, како и борбата против корупцијата и модернизација на панамското земјоделство.