Велика Британија повика на конструктивен дијалог во Хонг Конг, каде илјадници демонстранти бараат од Пекинг повеќе политички слободи.
– Се надеваме дека идни преговори ќе помогнат за значителен напредок кон демократија и ги повикуваме сите страни на конструктивен дијалог, изјави портпарол на британското Министерство за надворешни работи.
Тој нагласи дека Лондон потпишал заедничка декларација со Пекинг, со која се утврдува какви треба да бидат условите за управување на територијата во период од 50 години, сметајќи од моментот на враќањето на Хонг Конг на Кина во 1997 година.
– Хонг Конг треба да го зачува правотона граѓаните на протест. Исто така е важно жителите на Хонг Конг да го користат тоа право согласно законот, се наведува во соопштението на Форин офисот.
Кина, пак, од своја страна се спротивставува на секоја надворешна сила, која поддржува незаконско движење како што е „Окупирај го центарот“.
– Пекинг е против секакво мешање на странска држава во внатрешните работи на Кина, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи.
Протестите во Хонг Конг на социјалните мрежи беа наречени „Револуција на чадорите“. Жителите на поранешната британска колонија, која премина под кинеско управување, се навикнале на променливото време и ретко излегуваат надвор без чадор. Но се покажа дека освен за дожд, чадорот се употребува и за заштита од солзавец, па сега е на пат да стане и симбол на продемократските протести.