Лидерот на британската Лабуристичка партија Џереми Корбин до Парламентот поднесе предлог за симболично гласање недоверба на британската премиерка Тереза Меј поради тоа што не го ставила веднаш за изјаснување во парламентот Договорот за Брегзит.
Во предлогот на Корбин се вели дека Долниот дом нема доверба во Меј поради тоа што таа не им дозволила на пратениците да гласаат веднаш договорот за Брегзит и за рамката на идните односи меѓу Велика Британија и ЕУ. Таа ги налути пратениците од сите партии со одложување на гласањето во последен момент, кое беше закажано за 11 декември.
Гласањето по предлогот на Корбин ќе биде правно необврзувачко, но ќе ја стави под уште поголем притисок премиерка, откако таа го преживеа гласањето недоверба во својата Конзервативна партија минатата недела и во момент кога се бори да го спаси Договорот за кој таа преговараше со Брисел, забележува ДПА.
Корбин изјави дека Меј ја довела земјата во состојба на национална криза и оти веќе ја нема поддршката на целиот кабинет.
– Договорот е непроменет и нема да се менува. Потребно е гласање, а потоа и размислување за други решенија, истакна Корбин.
За разлика од предлозите за гласање недоверба на Владата, гласањето против одделна личност од владата, во случајот премиерката Меј, нема моќ да ја урне Владата и да доведе до предвремени избори.
Меј денеска најави дека гласањето за Договорот за излегување на Велика Британија од ЕУ ќе се одржи во третата недела од јануари, односно во седмицата што следува по 14 јануари..
Гласањето требаше да се одржи минатата недела, но беше одложено откако Меј призна дека има шанси да ја изгуби поддршката од мнозинството. Таа денеска рече дека Брисел бил јасен дека планот за ирската граница, т.н. бекстоп, не е „никаква замка за Велика Британија“ и ги повика пратениците да гласаат за договорот за Брегзит.
Велика Британија би требало да ја напушти ЕУ на 29 март следната година, а договорот за Брегзит ги дефинира условите за напуштање на Унијата, како и идните односи меѓу Брисел и Лондон.