Лидерот на терористичката мрежа Ал каеда Ајман ал Завахири ги објави првите конкретни насоки за џихад, повикувајќи на воздржаност при напади на следбеници на други гранки на исламот како шиити и немуслимани, како и при започнување конфликти во земји, каде џихадистите може да најдат безбедно место за промовирање на своите идеи.
Документот, објавен од страна на Канцеларијата за набљудување на исламистичките активности на Интернет СИТЕ, овозможува увид во стратегијата на Ал Каеда 12 години по нападите на 11 септември 2001 година во САД и фрла поглед врз глобалните амбиции на организацијата од Северна Африка преку Кавказ до Кашмир.
Иако, воената цел на организацијата е ослабнување на САД и Израел, Завахири го истакна значењето на „дауа“ или мисионерската работа за ширење на нејзините идеи.
– Во однос на сојузниците на Америка, работите се разликуваат од место до место. Главниот принцип е да се избегнува влегување во конфликт со нив, освен во земјите каде конфронтирањето со нив е неизбежно, изјави лидерот на Ал Каеда.
Според Завахири местата каде конфликтот е неизбежен се Авганистан, Ирак, Сирија, Јемен и Сомалија. Завахири нагласи дека борбата во Пакистан има за цел да создаде безбедно упориште за муџахедините што ќе може да се користи како појдовна точка на борбата за воспоставување на исламски систем.