Повеќе од два милиона Либеријци денеска гласаат за наследник на Елен Џонсон Сирлиф, првата жена претседател на Либерија.
Истовремено со претседателските, во земјата се одржуваат и парламентарни избори.
Меѓу позначајните кандидати за нов претседател се африканската фудбалска легенда и актуелен сенатор Џорџ Веа, потпретседателот Џозеф Боакаи, адвокатот и политички ветеран Чарлс Брумскине и влијателните бизнисмени Бенони Уреј и Александар Камингс.
Седумдесет и осумгодишната Сирлиф, која во 2011 година ја доби Нобеловата награда за мир, изјави дека „денешниот ден е историски за земјата и за зајакнување на младата либериска демократија“.
Таа ги повика своите сограѓани да се потсетат на „изминатиот пат како нација и народ, кога од опустошено општество од конфликти и војни се премина кон една од најзначајните демократии во Западна Африка“. Повеќе од 250.000 граѓани загинаа во граѓанските војни во земјата од 1989 до 2003 година.
Сирлиф побара избирачите да гласаат мирно и да ги признаат резултатите што ќе ги објави изборната комисија.