На југот на Филипините, на островот Минданао, синоќа од заседа биле убиени четири лица, а ранети уште четворица други.
За поставувањето на заседата армијата ги обвини припадниците на Народната армија (НПА) вооруженото крило на филипинската Комунистичка партија.
Во 40-годишната историја на НПА немало сличен напад на цивили. Убиените и ранетите се враќале од миса оддржана во Баптистичка црква, а еден од нив бил локален лидер во администрацијата.
Филипинската Влада и раководството на НПА водеа преговори за мир до лани, кога во јули, поради апсење на неколку лица од раководството на НПА преговорите беа прекинати. Во преговорите посредува и врвот на влијателната Католичката црква на Филипините, а добар дел од свештенството отворено ги поддржува целите на НПА.
Според проценките на филипинската армија, левичарската НПА во последниве пет-шест години има околу 4.000 вооружени припадници.