Летовите на аеродромот во Катанија денеска беа прекинати поради силната ерупција на лава и пепел од кратерот на Етна, што доведе до создавање вулкански облак со проценета висина од околу четири километри.
Сите летови за пристигнување на аеродромот – петти по големина во Италија според бројот на патници – првично беа суспендирани до 16:00 часот по локално време, а компанијата што управува со аеродромот подоцна соопшти дека суспензијата е продолжена до 22:00 часот и дека ќе ги опфати и летовите за заминување, пренесе Ројтерс.
Националниот институт за геофизика и вулканологија издаде црвено предупредување за воздушниот сообраќај; осум летови кон Катанија беа откажани, додека 24 беа пренасочени кон аеродромите во Комизо, Палермо, Трапани и Бари, објави „Ilsole24ore“.
