Ракетата Фалкон 9 со капсулата Драгон без екипаж на приватната компанија Спејс Икс, e лансиранa од вселенскиот центар во Кејп Канаверал, Флорида, со товар за Меѓународната вселенска станица (ISS), која остана без снабдување од САД по повлекувањето на своите ракетоплани.
48 метри долгата ракета изградена од страна на компанијата “Space Exploration Technologies” (Спејс Икс) е лансирана од Кејп Канаверал, Флорида, во неделата вечер по локално време кон ISS, која орбитира на 400 километри над Земјата. Ова е важна пресвртница за НАСА и оваа земја, изјави директорот на НАСА Чарлс Болден. Помина само една година од пензионирањето на “Спејс шатлот” а веќе се вративме назад со лансирање од територијата на САД, рече Болден.
И покрај проблемите со еден од моторите во текот на 10-минутното качување до орбитата, капсулата е поставена точно каде што требаше, рече претседателката на Спејс Икс, Квини Шотвел за новинарите. Фалкон 9 е направен така што може да ги изгуби моторите и се уште да ја заврши мисијата, така да го направи она што беше потребно, рече Шотвел. Капсулата би требало да дојде до 100 милијарди вредната ISS во средата.
Приватната компанија Спејс Икс изврши успешени тестови во мај, што го отвори патот за почеток на реализацијата на 1,6 милијарди вреден договор за 12 летови за снабдување за потребите на НАСА.
Карго капсулата Драгон носи околу 400 килограми храна, облека, материјали за научни експерименти и други материјали за станицата. Во товарот е и ладилник за транспорт на медицински примероци и редка посластица за екипажот на станицата, сладолед од ванила и чоколадо. Со пензионирањето на вселенските летала, НАСА се сврте кон приватниот сектор за развој и транспорт на товар на ISS, а сега има намера да го стори истото и за транспорт на екипажот.
Драгон од ISS треба да тргне на 28 Октомври и да слета во Тихиот Океан во близина на брегот на Калифорнија. Space X има и друг договор со НАСА за доработка на Dragon за да биде во можност да носи луѓе. Боинг и една приватна компанија Сиера Невада Корп, исто така, имаат поддршка од НАСА за развој на транспорт на луѓе кон станицата. НАСА ја најми и компанијата “Orbital Sciences Corp” за транспорт на товар до станицата, а ракетата Антарес на оваа компанија треба на својот прв лет да тргне оваа година.