Ескалацијата на насилството не може да ги реши социјалните проблеми во Хонг Конг, рече лидерот на Хонг Конг, Кери Лам, додавајќи дека таа длабоко жали за мешањето од странство во домашните работи на азискиот финансиски центар.
– Ескалацијата и продолжувањето на насилството не можат да ги решат прашањата со кои се соочува нашето општество сега, рече Лам на прес-конференција. -Тоа само ќе го продлабочи конфликтот, спротивностите, поделбите, па дури и омразата во општеството.
Кери Лам зборуваше по уште еден викенд немири и судири во таа поранешна британска колонија. Полицијата соопшти дека 157 лица биле уапсени во текот на викендот за незаконски протести, поседување оружје, предизвикување штета, грабеж и напад врз полицајци.
За да ги растера демонстрантите, полицијата употреби солзавец.
– Исклучително непримерно е странски парламенти да се мешаат во внатрешните работи на Хонг Конг на кој било начин и ние нема да дозволиме (САД) да учествуваат во овие прашања, рече Лам.
За време на митингот пред американскиот конзулат вчера, илјадници демонстранти побараа помош за демократијата во Хонг Конг.
Демонстрантите сакаат американскиот Конгрес да донесе закон според кој Вашингтон ќе направи годишни проценки за тоа дали Хонг Конг е доволно автономен од континентална Кина за да ги задржи посебните американски трговски и економски бенефити.
Кинеските власти ги обвинија странските сили дека се обидуваат да го повредат Пекинг со создавање хаос во Хонг Конг и ги предупредија другите земји да не се мешаат во внатрешните работи на Кина.