Кушнер до Нетанјаху за Газа: „Самите ја саботирате идејата што ја побаравте“

Од:

Џаред Кушнер, член на Извршниот одбор за Газа и зет на американскиот претседател Доналд Трамп, влегол во остар конфликт со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху околу спроведувањето на планот за управување со Појасот Газа по војната.

Според израелскиот Канал 14, кој се повикува на извори вклучени во преговорите, Кушнер и Нетанјаху во последните денови имале неколку тензични разговори за понатамошната имплементација на планот.

Кушнер, наводно, му забележал на Нетанјаху поради неговото противење на дел од предвидените чекори.

Според информациите на медиумот, Кушнер потсетил дека иницијативата била осмислена токму на барање на Нетанјаху, како алтернатива на израелската контрола или управувањето на Хамас со Газа.

„Самите ја саботирате идејата што ја побаравте“, наводно му рекол Кушнер на израелскиот премиер, обвинувајќи го дека го забавува процесот токму во моментот кога требало да започне неговото спроведување.

Нетанјаху ги отфрлил критиките и останува на ставот дека нова власт во Газа може да биде воспоставена само по целосно разоружување на Хамас и демилитаризација на енклавата.

Канал 14 пренесува и дека Нетанјаху се противи на делови од планот според кои Газа би била управувана во рамки на палестинските закони. Според него, таквиот развој би можел фактички да значи создавање палестинска држава.

Несогласувањата доаѓаат во период на пошироки спорови околу спроведувањето на американскиот план за Газа. Нетанјаху во неделата го отфрлил документот од 15 точки предложен од Одборот за мир и повторил дека израелските сили нема да се повлечат од енклавата додека Хамас целосно не биде разоружан.

Според Канал 14, врз одлуката на Нетанјаху влијаеле и несогласувањата со Кушнер, но и притисоците од неговата влада.

Втората фаза од планот на Трамп предвидува управувањето со Газа да биде префрлено на палестинско технократско тело, како и распоредување меѓународни сили за стабилизација.

Оружјето би било ставено под контрола на Националниот одбор за управување со Газа, со меѓународен надзор. Планот предвидува и постепено повлекување на израелските сили и почеток на процесот на обнова на енклавата.

Хамас во неделата потврди дека останува посветен на договорот постигнат со посредниците и Одборот за мир, со цел продолжување кон втората фаза од планот на Трамп.

Според податоците наведени во извештајот, во израелската офанзива врз Газа од октомври 2023 година загинале повеќе од 73.000 луѓе, а над 174.000 биле повредени. По стапувањето на примирјето на сила во октомври минатата година, во нападите загинале најмалку 1.258 лица, а 4.139 биле повредени, според Министерството за здравство во Газа.

Би можело да ве интересира

Нетанјаху: Нема да се повлечеме од Газа додека Хамас не се разоружа

Нетанјаху одобри реконструкција на дел од Појасот Газа кој не е под контрола на Хамас

Израел нема да се повлече од Појасот Газа

Масакр во Газа: 19 Палестинци се убиени, над 35 се тешко ранети

Трамп: Заканата од Газа нема да се повтори, постигнат е договор за разоружување

Горан Наумовски

Половина од Американците го поддржуваат апсењето на Нетанјаху