Курдските сили пешмерга денеска од сите страни навлегуваат во стратешкиот град Синџар, на север од Ирак, што борците на Исламска држава го презедоа пред повеќе од една година и притоа убија и заробија илјадници Јазиди, соопшти Курдистанскиот регионален безбедносен совет.
Курдските борци целосно ги пресекле сите линии за комуникација меѓу џихадистите во Синџар и наскоро ќе почнат да го чистат градот од нив, пренесоа британските медиуми.
Во Синџар се слушаат пукотници додека курдските борци се слеваат во градот од блискиот рид, а некои од нив се вооружени со фрлачи на гранати, што ги носат на рамениците.
Со поддршка на американските воздушни напади Курдите вчера го отсекоа Синџар од исток и запад во офанзивата против Исламска држава, која може да претставува пресвртница во напорите за победа врз џихадистите.
Синџар има симболично и стратешко значење со оглед на фактот дека се наоѓа од двете страни на главниот автопат што ги поврзува Мосул и Рака -главните упоришта на Исламска држава во Ирак и Сирија.