Министерот за надворешни работи на Австрија Себастијан Курц денеска индиректно ја критикуваше германската канцеларка Ангела Меркел, порачувајќи дека го смета за проблематично инсистирањето на договорот со Турција за бегалците, а притоа игнорирајќи го кршењето на основните права во таа земја.
– На Европската унија и е потребна европска политика кон бегалците и сами мораме да ги заштитиме нејзините надворешни граници, потенцира Курц во интервју за виенскиот весник „Естерајх“, одговарајќи на констатацијата дека Меркел, по се изгледа, инсистира на договорот со Турција.
Курц изрази убедување дека ќе дојде до раскинување на договорот со Турција, дополнувајќи дека тој не е за тоа на Анкара да и се прогледа кроз прсти при исполнувањето на критериумите за добивање визна либерализација.
– Турција веќе најави дека нема да ги исполни сите услови и со тоа не е одржлив договорот со таа земја, смета шефот на австриската дипломатија.
– Го поддржувам канцеларот Кристијан Керн дека членството на Турција во ЕУ е утопија. Во изминатите години Турција се повеќе се оддалечува од вредностите на ЕУ. По неуспешниот преврат имаше масовни апсења и закани кон политичките неистомисленици, што не е во согласност со основните вредности на ЕУ. Не смее да се попушта кога се во прашање основните вредности, потенцира Курц.
Тој потсети дека уште пред склучувањето на договорот со Турција, предупредувал дека не смее да се дојде во ситуација ЕУ да зависи од Анкара.
Истовремено порача дека на бегалците не смее да им се дозволи да патуваат кон централна Европа и оти треба да се преземе политиката кон бегалците од Австралија и Шпанија.