Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, денес изјави дека лидерите на Европската унија ќе најдат решение за финансиска помош на Украина, но дека тоа мора да се направи во согласност со законите на Европската унија (ЕУ) и нагласи дека ЕЦБ не може да ја преземе улогата на финансиски покровител.
Во разговор со новинарите во Франкфурт по седницата на Управниот совет на ЕЦБ, Лагард рече дека е „уверена“ дека шефовите на држави и влади, на состанокот во Брисел, ќе се согласат за механизам за кредитирање на Киев, но предупреди дека не може да се очекува ЕЦБ да гарантира таков аранжман.
„Сигурна сум дека постојат решенија што можат да се дискутираат и конструкции што можат да се разработат, но не е до централната банка да охрабрува или поддржува механизам во кој би биле поканети и однапред планирани да го прекршиме членот 123 од Договорот“, рече Лагард, објави Политико од Брисел.
