Кремљ досега не доби молба за политички азил од Едвард Сноуден. Условите за давање азил, меѓутоа, остануваат исти, изјави денеска прес-секретарот на рускиот претседател Владимир Путин, Дмитриј Песков,
Како што јави ИТАР-ТАСС, Песков потсети дека поранешниот соработник на ЦИА и консултант на Агенцијата за национална безбедност (НСА) на САД може да добие азил во Русија, „прво, ако се откаже од секаква активност што им штети на американските партнери и на руско-американските односи, и второ, ако сам замоли за тоа“.
На денешната средба со руски активисти за заптита на човековите права, Сноуден побара привремен азил во Русија, се додека не успее да замине за Латинска Америка. За оваа цел тој е подготвен да ја прекине својата активнист, соопшти директорот на руската филијала на меѓународната организација за правата на човекот „Амнести интернешенл“ Сергеј Никитин.
Рускиот пратеник Вјачеслав Никонов, кој, исто така, присуствуваше на средбата во транзитната зона на московскиот аеродром „Шереметјево“, дополни дека Сноуден соопштил дека во иднина нема намера да им нанесува штети на САД.
Сноуден, кој во својата татковина е обвинет за шпионажа поради обелоденувањето на тајните разузнавачки програми за следење на комуникациите, смета дека е гонет од политички мотиви.
Познатиот руски адвокат Генри Резник изјави дека руските активисти кои присуствуваа на средбата го поддржуваат барањето на Сноуден за политички азил во Русија.
Сноуден, кој на „Шереметјево“ се наоѓа од 23 јуни, доби понуди за азил од три латиноамерикански држави – Венецуела, Боливија и Никарагва.