Крајно опасна концентрација на радиоактивни материи е измеренa во водата, акумулирана во техничкиот тунел за дренажа, поврзан со подземните катови на испразнетиот втор енергоблок од АЕЦ „Фукушима-1“, соопшти денеска операторот на централата – компанија ТЕПКО.
Како што пренесува БТА, содржината на цезиум изотопи во примероци од водата во тунелот е 2,35 милијарди бекерели на литар, односно точно онолку колку што изнесуваше веднаш по хаваријата во нуклеарната централа „Фукушима-1“ во март 2011 година.
Според експертите на ТЕПКО загадената вода од тунелот може да продира во почвата, во подземните води или во океанот.
На инсистирање на Владата компанијата итно бара начини за спречување на евентуални истекувања. Посебно се дискутира за можноста за изградба на подземен ѕид од стакло на океанската плажа и за испумпување на радиоактивната вода од тунелот.