Италијански обвинители утврдиле дека Ватиканската банка работела на начин кој овозможувал перење пари, објавија денеска италијански весници повикувајќи се на резултати од тригодишна истрага.
Банката недоволно проверувала клиенти и на сопствениците на сметки им било дозволено да префрлаат големи суми пари во име на други лица.
– Пости голем ризик начинот на кој работи Банката без прецизно наведување клиенти, да може да се употреби како параван за прикриени незаконски трансакции, напишале обвинителите во документот кој го објави „Кориере дела сера“.
Тие ги обвинуваат и банките што примале пари од Институтот за верски работи (официјално име за банката) бидејќи не утврдувале потекло на парите.
– ИВР може лесно да биде канал за перење пари со криминално потекло, заклучуваат обвинителите.