Лидерот на британската Лабуристичка партија, Џереми Корбин изјавил дека за шест месеци ќе стане премиер, открива лондонскиот весник „Метро“, повикувајќи се на изјави блиски до овој политичар.
Корбин, кој по предвремените парламентарни избори, ја продолжува својата кампања низ Британија, присуствуваше на традиционалниот музички феставал за рок и поп музика во Гластонбери, каде добил силна подршка и овации од присутната млада публика.
Според весникот, Корбин на луѓето околу него не само што им навестил дека до Нова година ќе влезе во Даунинг стрит 10, туку и зборувал дека првата работа што ќе ја направи како премиер ќе биде откажувањето од ракетниот систем со нуклеарни боеви глави „Трајдент“.
Корбин кој во текот на својата кампања за изборите на 8 јуни, зборуваше против постоењето на ова оружје што ја прави Британија нуклеарна сила, во Парламентот е остро против неговата обнова и модернизација за што ќе треба да се потрошат десетици милијарди фунти.
Тврдењето на „Метро“ засега не е ниту потврдено, но не е ниту демоантирано од партијата на лабуристите.
Нема објаснување како Корбин предвидува да стане британски премиер до крајот на годинава, но политички експерти сметаат дека за тоа постојат два начина.
Едниот е актуелниот премиер Тереза Меј да не ја добие поддршката од северноирската Демократска унионистичка партија (ДУП) , па нејзината малцинска влада да падне на првото посериозно гласање во Парламентот, или пак Британија одново да се определи за нови избори.
Анкетите по предвремените избори на кои Меј го загуби мнозинството во Долниот дом, покажуваат дека големо мнозинство верува оти таа нема да остане на функцијата ниту до крајот на преговорите за Брегзит, но Корбин кој ја има поддршката на младите, се уште не може да стекне популарност кај мнозинството британски гласачи за да може неговата партија да победи на избори.
Повеќепати тој досега има речено дека е подготвен да стане премиер, управувајќи со малцинска влада, како и дека лесно ќе се договори со ЕУ околу излегувањето од Унијата.