Израелскиот министер за одбрана Израел Кац го разреши командантот на Централната команда на Израелските одбранбени сили (ИДФ), генерал Ави Балут, по спор околу одлуката на офицерот да изрече административна мерка врз израелски доселеник осомничен за напад врз Палестинците, објави денес израелскиот весник „Маарив“, повикувајќи се на извори кои ја опишаа одлуката како политички мотивирана, бидејќи Балут наводно не ги спроведувал политиките на Кац.
Весникот наведува дека конфликтот меѓу военото раководство и министерот за одбрана настанал поради одлуката на Балут, кој е одговорен за окупираниот Западен Брег, да изрече административна мерка против доселеник обвинет за насилство врз Палестинците.
Кац ја објави одлуката за разрешување на Балут на телевизијата Канал 14, наведувајќи дека Дадо Бар Калифа ќе биде назначен на негово место.
Според Марив, овој потег предизвикал незадоволство кај израелската војска, каде што некои функционери го сметаат за политички мотивиран.
Началникот на Генералштабот на ИДФ, генерал Ејал Замир, изјавил дека одлуката на Кац не е во согласност со неговите планови и дека тој нема намера да ги менува командантите на клучни позиции во овој период.
Марив, повикувајќи се на воени извори, наведува дека ниту Балут ниту неговиот наследник не биле информирани однапред за одлуката на министерот, туку дознале за неа дури по јавното објавување.
Истите извори проценуваат дека ова е обид за политичка пресметка со Балут за неспроведување на политиката на Кац.
Спорот, според весникот, дополнително се продлабочил минатата недела поради жалбата на израелскиот јавен обвинител на одлуката на воениот жалбен одбор да не го продолжи налогот за административно отстранување на жителот на Тал, Јинон Дардик, десничарски екстремистички активист осомничен за вмешаност во нападот врз палестинското село Хирбет Хамса во март оваа година.
Сведоците, според израелските медиуми, тврделе дека за време на нападот, палестинските селани биле подложени на физичко и сексуално насилство, закани за убиство и силување, како и кражба и уништување на имот, пренесува Танјуг.
Се тврди дека напаѓачите тепале возрасни и деца, ги врзувале жителите, им истурале ладна вода и одземале добиток.
