Колумбискиот претседател Хуан Мануел Сантос именува специјален тим од владини функционери, за разговори со опозицијата, во обид да се спаси мировниот договор со ФАРК, откако договорт не беше прифатен на референдумот, што се одржа во неделата.
Сантос се сретнал со политичките лидери во Колумбија, но на средбата не присуствувал поранешниот претседател Алваро Урибе, кој во кампањата пред референдумот бараше од Колумбијците да го отфрлат договорот.
Урибе кој сега е сенатор и лидер на партијата Демократски центар, ја обвинуваше владата дека во преговорите била „премногу попустлива„ кон бунтовниците.
Договорот беше потпишан минатата недела, по безмалку четири години преговори, со што требаше да се стави крај на воените судирања меѓу колумбиската армија и левичарските бунтовници, кои траеја 52 години.
Околу 260 илјади лица беа убиени, или загинаа во судирањето и воените насилства, а други осум милиони беа раселени.
Со договорот, за кој се преговараше во Хавана, во Куба, бунтовниците се согласија да го остават оружјето, да запрат со сите воени дејствија, а за возврат, да им биде овозможено да се вклучат во колумбискиот политички живот.
Договорот требаше да биде верификуван на референдум, но на големо изнендување во колумбиската јавност, гласачите го отфрлија со минимално мнозинство од само 60 илјади гласови.
Урибе бара од владата да ги продолжи преговорите, но од власините преговарачи бара да бидат построги кон бунтовниците.
Поранешниот претеседател Урибе бара оние припадници на ФАРК кои имаат извршено тешки кривични дела и злосторства во текот на војувањето, да бидат уапсени, судени и осудени, додека некои од водачите на ФАРК да не можат да се вклучат во домашната политика.