Околу 100 колумбиски платеници се наоѓаат на фронтот во Јемен и се вклучени во тамошната граѓанска војна на страната на сунитската коалиција, предводена од Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), пишува колумбискиот весник „Ел Тиемпо“.
Тие се дел од приватната армија, изнајмена од Абу Даби, и предводена од припадници на американската приватна безбедносна фирма „Блеквотер“ која во времето на ирачката војна беше обвинета за убивање цивили.
Западните медиуми, што го пренесуваат откритието на колумбискиот весник, забележуваат дека 800 поранашени припадници на армиските сили на Колумбија, кои со години војуваа против левичарските бунтовници од групата ФАРК, би можеле да се употребат за повторното преземање на јеменскиот главен град Сана, кој се наоѓа под контрола на бунтовничките, шиитски Хути.
Еден од колумбиските платенци, за весникот „Ел Тиемпо“ изјави дека тие се стационирани во Аден, кој со помош на коалициските, сунитски сили, е претворен во привремен главен град, каде се наоѓа и соборениот претседател Абдул Рабих Мансур Хади и каде се подготвува офанзивата кон Сана.
Колумбијците, кои носат униформи на ОАЕ, засега се користат само за патролирање и за оддржување на безбедноста.
Во Абу Даби, војниците од Колумбија почнале да пристигнуваат уште пред пет години, тогаш пријавувајќи се како „градежни работници“.
Договорот за платеничката војска со шеик Мохамед бин Заед ал Нахјан кој фактички управува со ОАЕ, а и самиот има британска воена академија, се проценува на 500 милиони долари.
Платенците имаат социјално и здравствено осигурување и право на образование како и богатите Арапи во Емиратите.Кога ќе им заврши службата, ветено им дека ќе може да останат да живеат во ОАЕ, добивајќи државјанство и право на пензија.