Владата на Колумбија и втората по големина бунтовничка група во земјата објавија вчера дека водат прелиминарни разговори за евентуално започнување на мировни преговори.
Соопштението доаѓа пет дена пред претседателските избори, на кои ќе се решава не само дали ќе биде реизбран претседателот Хуан Мануел Сантос, туку иднината на преговорите меѓу властите и партизанската група Револуционерни вооружени сили на Колумбија (ФАРК).
Во соопштението, објавено на Интернет страницата на претседателството, се соопштува дека консултациите со Армијата за национално ослободување се водат од јануари.
Противници на Сантос изјавија дека веста за подготвуваните преговори со левата група се предизборен маркетинг.