Владата на Колумбија и левичарските бунтовници вчера соопштија дека постигнале договор за реформи за земјиште, што е едно од најчувствителните прашања во нивните мировни преговори, пренесе „Франс прес“.
Според договорот на владата и претставниците на Револуционерните вооружени сили на Колумбија (ФАРЦ), компензација ќе добијат сите оние кои го изгубиле имотот или се раселени од своето огниште, изјави кубанскиот дипломат Карлос Фернандес Де Косио, чија што држава е домаќин на повеќемесечни преговори.
Разговорите во Хавана главно беа насочени кон реформите за земјиште, што е едно од петте прашања за кои што требаше да се расправа.
Распределбата на земјиштето беше една од причините за повеќедецениските судири во Колумбија, каде што постои голема разлика помеѓу тоа што им припаѓа на богатите земјопоседници и сиромашните селани.
Двете делегации по неколку дена ќе разговараат и за политичките прашања.
Елена Георгиевска