Спротивно од анкетите и од податоците од излезните анкети, Колумбијците на референдумот од неделата, сепак, го одбија мировниот договор меѓу владата и марксистичките бунтовници со кој треба да биде ставен крај на 52-годишната војна меѓу колумбиската држава и бунтовниците од Револуционерните вооружени сили на Колумбија (Fuerzas Armadas Revolucionarias de Colombia – FARC) во којашто загинале најмалку 260.000 луѓе, 45.000 се водат како исчезнати, а 6,9 милиони лица се раселени.
Иако според последните испитувања на јавното мнение, 62 отсто од Колумбијците го поддржуваат договорот, а 25 отсто се против неговото потпишување, ноќта кон понеделниот по пребројаните 99,59 отсто од гласачките ливчиња, се покажа дека 50,23 отсто од излезените на референдумот гласале против мировниот договор, додека 49,76 го поддржале договорот што минатиот понеделник го потпишаа колумбискиот претседател Хуан Мануел Сантос и водачот на FARC Родриго Лондонo Ечевери наречен Тимоченко (Тимошено).
За одобрување на мировниот договор, неговите поддржувачи требаше не само да освојат просто мнозинство од гласовите, туку и не помалку од 13 отсто од вкупниот број избирачи, околу 4,5 милиони гласови.
Конечните резултати се доживуваат како големо изненадување, бидејќи не само што анкетите укажуваа на определеност на гласачите за договорот, туку и излезните анкети во неделата првично покажуваа дека околу две третини од избирачите се изјаснуваа позитивно по прашањето за поддршка на мировниот договор.
Во пресрет на референдумот, претседателот Сантос изјави дека не постои „план Б“, доколку гласачите го одбијат мировниот договор.
Претставниците на двете конфронтирани страни го финализираа договорот на 24-ти август во Хавана, по речиси четири години преговори. Договорот вклучува одредби за трансформирање на FARC во политичка партија, формирање суд за воени злосторства, реформи во руралниот сектор и реинтеграција на демобилизираните герилци во цивилниот живот.
Во следната половина година, околу осум илјади преостанати борци на FARC ќе бидат разместени во 23 региони во земјата каде што ќе го предадат оружјето во процесот кој ќе го надгледуваат Обединетите нации.
Според договорот, FARC до 2018 година ќе има претставници во конгресот, но без право на глас, а потоа до 2026 година ќе има десет претставници со право на глас, без разлика на изборните резултати.
„Мораме да ја завршиме 52-годишната и да отвориме нов пат за мирот кој ќе нé одведе во подобра иднина. Мирот е начинот на кој ќе им осигуриме на нашите деца и внуци подобра земја“, изјави колумбискиот претседател Сантос по гласањето во неделата.
Бројноста на борците на FARC последните години речиси се преполови поради силната воена офанзива која ја започна поранешниот претседател Алваро Урибе, која ја поддржуваа САД, па бунтовниците кои загубија изминатите години повеќе свои команданти и водачи се решија да го положат оружјето и да се орат со политички средства.