Која е Камала Харис – првата жена, потпретседателка во историјата на САД

Од:

Камала Харис денес влезе во историјата како прва жена потпретседател на СAД.

Но, исто така и како првa Афроамериканка и првa Американка со азиско потекло на таа позиција, откако Џозеф Бајден, врз основа на предвидените резултати, победи на претседателските избори.

Харис (56) исто така се смета за очигледен кандидат за номинација на Демократската партија во претседателската трка во 2024 година, доколку Бајден (78) се откаже од својот втор мандат.

Родена е на 20 октомври 1964 година во Оукленд, Калифорнија, a како дете учествувала во демонстрации за човекови права и пеела во хорот на Баптистичката црква.

Нејзината мајка Шајамала емигрирала од Индија за да студира на Беркли, каде го запознала таткото на Камала, Доналд, по потекло од Јамајка.

Нејзините родители биле истражувач и професор по економија, a Камала и нејзината сестра Маја биле воспитани во хиндуистичката традиција и секоја година со своите родители ја посетувале Индија.

Кога имала седум години, нејзините родители се развеле, а пет години подоцна се преселила со мајка си и сестрата во Квебек, Канада, каде што научила да зборува француски.

Интересно е што за време на средното училиште, со една нејзина пријателка таа основала танчерска група.

Кога дошло време за студирање, таа се вратила во САД каде што се запишала на Универзитетот Хауард во Вашингтон, каде што многу брзо се придружила на Студентскиот совет и дебатниот тим.

Дипломирала на Правниот факултет на Универзитетот во Калифорнија, Хастингс.

Таа ја започнала својата кариера во 1990 година како заменик-окружен правобранител во округот Аламеда, по осум години станала адвокат во кривичната единица во канцеларијата на окружното обвинителство во Сан Франциско, а во 2000 година била назначена за шеф на тој оддел и го основала првото Државно биро за детска правда.

Харис станала окружен правобранител во Сан Франциско во 2003 година, а во 2010 година станала првата Афроамериканка на позиција државен обвинител во Калифорнија.

По претседателските избори во 2016 година, Харис станала втора Афроамериканка и прва Јужноазиска Американка што освоила место во Сенатот на САД.

За време на нејзината работа во Сенатот, таа станала член на Комитетот за национална безбедност и владини работи, Комитетот за разузнавање, Судскиот комитет и Комитетот за буџет.

Кандидатурата за претседателските избори во САД, ја објави на Денот на Мартин Лутер Кинг во 2019 година, но се повлече од трката пред крајот на годината.

Во август годинава, Џо Бајден ја објави Камала Харис за свој потпретседателски кандидат.

Нејзиното искуство во правосудството може да биде корисно за администрацијата на Бајден во борбата за расна еднаквост и полициските реформи, пренесува „Ројтерс“.

Харис е омажена со адвокатот Даглас Емхоф, кој има две ќерки од претходна врска.

Меѓу нејзините достигнувања е тоа што успеала да извлече 25 милијарди долари од Волстрит за да ги обештети сопствениците на куќи во Калифорнија по финансиската криза, а добила и спогодба од 1,1 милијарда долари против синџирот за профит на колеџ под обвинение за предаторски и незаконски практики. Таа воедно стана и глас на борбата против Доналд Трамп.

Позната е и по поддршката на неколку прогресивни политики, вклучително и Здравствена заштита за сите и ревизија на ICE.

Најголемите медиумски мрежи во САД и агенцијата „Едисон рисрч“ ја проектираа победата на Бајден денеска, заснована на неофицијални резултати, бидејќи актуелниот претседател Доналд Трамп објави дека ќе се бори на суд за да ги оспори резултатите.

Би можело да ве интересира

Палестинците јадат лисија, децата умираат, нема веќе изговори за Израел порача заменичката на Бајден

Катерина Ѓуровски

Харис: САД нема да дозволат принудно преселување на Палестинците од Газа или Западниот Брег

Горан Наумовски

Харис: Русија е очигледно многу очајна, тие веќе доживеаја стратешки неуспех

Камала Харис: Правото на абортус е загрозено во сите американски држави

Горан Наумовски

САД: Потпретседателката Харис со позитивен тест за Ковид-19

А1он

Забрана за влез во Русија и за Камала Харис и Марк Закерберг

А1он